Правило на верата
г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски Св. Никола 19.12.2017 г.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Да не знае твојата лева рака што прави десната…
(Матеј 6,3)
Драги браќа и сестри,
Денес се наоѓаме во храмот посветен на светителот – за чиј спомен си спомнува Светата Црква, се наоѓаме во храмот на светиот Николај Мирликиски, чудотворец, голем светител, чиј што живот и дела биле и се нагледно правило за вистинската вера на Црквата. Дојдовте во толку голем број да му ја одадете заслужената почит на Мириликискиот архипастир, кој бил и пример на кротоста и на смиреноста, но особено бил пример како треба да се прават добрини, поради што христијанската Црква во неговото лице ни дава највозвишен пример на милосрдие и добртворство.
Од неговото житие дознаваме дека овој славен светител, кого што денес го слават по сиот свет, бил син единец на угледните родители Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им бил син единец даруван од Бога, тие Му го посветиле на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот свети Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонашил во манастирот „ Новиот Сион“ , основан од неговиот чичко. По смртта на родителите Николај им го раздал наследениот имот на сиромасите и ништо не задржал за себе. Додека бил свештеник во Патара тој многу се прочул со делата на својата милостиња, иако ги криел грижливо, за да го исполни зборот Господов: „ Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6,3). Кога се предал на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дошол глас одозгора: „ Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла бил избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, неустрашлив свети Никола му бил вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлиле во затвор, но тој и во затворот ги поучувал луѓето на законот Божји. Присуствувал на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удрил еретикот Ариј. За ова дело го отстраниле од Соборот и од архиерејската служба, сѐ додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавиле Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавиле своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител бил и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спасил по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одел меѓу луѓето небаре ангел Божји. Уште за време на животот луѓето го сметале за светител и го повикувале на помош во маки и неволји и им се јавувал во сон и на јаве на тие што го повикувале, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагал. Од неговото лице блескала светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носел на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост малку се разболил и се упокоил во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокоил на 6 декември 343 година.
Почитувани верници,
Од неговото житие можеме да видиме дека неговиот живот бил како море од добродетели, стихија од добри дела. Тој бил и останува, според своите добри дела, вистински одбран сад на љубовта кон Бога и ближните. Свети Никола, иако не бил учен човек, сепак со своето просветено срце и ум, успеал да стане правило на верата, бидејќи низ целиот свој живот сведочел дека христијанската вера се познава според делата. Неговото милосрдие и добри дела биле израз на неговата вера. Низ целиот свој живот правел добри дела. Тој на разни начини, во повеќе наврати и ситуации сето свое земно богатство им го разделил на сиромасите, сираците и страдалниците. Се залагал и за затворениците и заробениците, за невините, за гладните и изнемоштените, за очајните мајки и вдовиците, спасувал и благочестиви семејства. Едноставно со целиот свој живот и дела не поучува како да се залагаме за невините и како да ги заштитуваме честа и правдата.
Благочестиви христијани,
Денес се чуствувам повикан и морам да кажам, инспириран од денешниот празник – дека во овие тешки животни премрежја би било добро да се потрудиме колку што можеме повеќе да се поучуваме од животот и од делата на светиот Никола и да го подржаваме и следиме неговиот пример. Но како да го подржаваме и следиме неговиот пример? – Преку правење добри дела и милостиња. Нажалост денес како да забораваме да правиме добри дела, особено забораваме да дадеме милостиња. Времето во кое живееме е време на владеење на егоизмот и среброљубието во невидени досега размери. Лакомоста по светските богатства, скржавоста се пороци за секоја осуда. Не треба да забораваме дека нашето спасение е во добрите дела! Затоа треба да ги цениме добрите дела и милостињата и да се бориме против многуте пороци, кои не одалечуваат и од Бога и од луѓето, како што се: лакомоста, себичноста, скржавоста, похотта и страста кон матријални добра и светска слава. Да не бидеме како неразумниот богат човек од евангелието, туку да знаете и во вашата свест да се вреже дека богатството се дава не поради спокојство во земниот живот, туку пред сè за правење добри дела, за на душата да и се обезбеди вечен живот.
Денес многумина знаат својата скржавост да ја оправдаат со штедливоста или економичноста. Не треба да се меша штедливоста со скржавоста. Штедливоста е благословена добродетел, а скржавоста е порок. Меѓутоа, има луѓе кои со својата прекумерна штедливост придобија големи богатства, па потоа и таа добродетел ја претворија во порок. Честопати богатите патат од порокот на скржавоста, па како резултат на тоа во сегашноста сме соочени и со социјална неправда, со искористувањето на човековата работна рака. Имаме многу примери кога луѓето работат вредно, а нивниот труд не е воопшто награден, па дури им се скратува и месечната награда неоопходна за живот. Богатството создадено со чесна работа не е за осудување, но кога ќе се појави скржавоста – таа го осквернува. Сега на ум ми дојде една потполно точна мисла од еден познат мислител, која како поука ќе ја споделам со вас: Богатите мораат да живеат едноставно, за сиромашните едноставно да можат да живеат.
Исто така, во фокусот на нашето време е феноменот на незадоволството и се почестата појава на депресија, па многумина од нас се сведоци и на тоа, дека и покрај се подобрата матријална состојба, бараната среќа и благосостојба не доааѓаат, а напротив, животот станува се потежок и потежок, несреќите се почести и поголеми.
Сите овие пороци се јавуваат како резултат на последицата од ладењето и од одалечувањето од верата, од заборавањето на задгробниот живот, како и од губењето на љубовта. Затоа да се покаеме и да ја зајкниме нашата вера, за која да се сочува чиста се борел и светиот Никола. Да го очистиме нашето срце и да го просветлиме нашиот ум, та обожени да поживееме богоугоден живот, правејќи добри дела и милостињи. Тоа да биде наш секојдневен подвиг. Погледнете околу себе, има толку неволји и несреќи, толку солзи и молби, толку сиромаштија и незадоволени потреби на општ и поединечен план, матријални и морални. Сето тоа отвора широк и добар пат на милостните христијански срца за добротворни акции, за придобивање небесни богатства. Насекаде околу нас, можеме да го пресретнеме „ сиромашниот Лазар“ , кој и нас не моли за трошка леб. Во тие мигови ние треба да се сетиме колку големи суми и средства се расфрлаат за мода, тутун, пиво, разни штетни пијалоци итн. Ако само еден мал дел од тие средства би го употребиле за помош на сиромасите, сираците и страдалниците, радоста околу нас би била поголема. Да штедиме и правиме добрини - само на таков начин штедливоста е оправдана и вистинска добродетел. Да ги имаме постојано во глава и следниве зборови на христијанскиот подвижник: „ Прави добрина, одбегнувај го злото и ќе се спасиш“ , јас само би дополнил со Христовите зборови: „ Одете и правете така“ .
Во овој милостив и спасителен подвиг за наш пример, постојано да го имаме правилото на верата големиот светител, свети Никола, кој целото свое земно богатство го разделил. Ние денес, свечено славејќи го неговиот свет спомен, него го молиме да ни помага во собирањето на неопходните небесни богатства, а Бог на мирот, Кој преку крвта на вечниот завет Го воздигна од мртвите големиот пастир на овците – нашиот Господ Исус Христос, нека ве усоврши во секое добро дело, за да ја исполните Неговата волја, вршејќи го во вас она, што Му е Нему благоугодно, преку Исуса Христа, Нему слава во веки веков. Амин! (Евреи 13, 20-21).
Нека е за многу години денешниот празник, а на сите оние кои го празнуваат свети Никола како свој заштитник, нека им е вечна славата!